1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скутот на власта најтопло грее

27 март 2024

Моралот никогаш не им бил силна страна на политичарите во Македонија. Тој се состои во функционерско место, каде може да се преспие мандатот, а потоа да се напушти владата. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4e9ai
Symbolbild Verhandlungen
Фотографија: Reicher/Fotolia

Во САД падна мост во кој удрил товарен брод. Со мостот паднале и седум возила. Оваа вест која во вторникот (26.03) цел ден го окупираше медиумскиот простор, може да се преведе и во нашата политика, во која паднаа три моста – меѓу СДСМ и три коалициски партнери и еден недефиниран политички субјект. Сѐ уште не знаеме колкав ќе биде бројот на жртвите, бидејќи една потенцијална жртва не е сигурна дали треба да остане на мостот или да се фрли во водата и да го чека следниот брод на кој ќе му послужат топло јадење и жесток пијалок. До објавувањето на овој текст уште траеше неизвесноста дали ќе биде разрешен од директорската функција откако ја извести јавноста дека тој понудил оставка, но Ковачевски не му ја прифатил.

Ова е отприлика предизборниот амбиент во Македонија, во кој ете се случуваат и „чуда“. Партиите со по еден или ниеден пратеник наеднаш се сетиле дека власта не работи добро и полетаа во прегратка на идната власт. За која, нели, уште отсега знаат дека ќе работи добро. 

Моралот никогаш не им бил силна страна на политичарите во Македонија. Тие страните ги избираат во зависност од цената што ќе им се понуди, а таа е најчесто пратеничко или директорско место - во Центарот за управување со кризи или некаде во друга кризна институција каде може да се преспие мандатот, а потоа да се напушти владата. Таа шема, се покажа досега исплатлива и со бесконечен потенцијал да се глуми политичар и да се сее магла во јавноста за љубовта кон татковината.

Тешко е во опозиција 

Стојанче Ангелов,претседател на Достоинство и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), во вторникот изјави дека доколку Владата и техничкиот премиер Талат Џафери го разрешат, тој без противење ќе ја прифати одлуката. Најавата на Џафери дека ќе побара разрешување на Ангелов дошла откако Ангелов обелодени дека излегува од коалиција со СДСМ и дека за претстојните избори ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Ангелов соопшти и дека Џафери му се јавил на телефон и го известил за неговата намера да го разреши. Според Ангелов, тоа е нормален политички маневар имајќи предвид дека Достоинство ја напушта, односно дека излегува од владината коалиција. 

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

„Како директор на ЦУК мој приоритет секогаш бил, е, и ќе биде, безбедноста на граѓаните поради што максимално посветено и професионално ја извршувам оваа одговорна функција. Доколку Владата се согласи со предлогот на премиерот Талат Џафери и смета дека треба да бидам разрешен, јас без противење ќе ја прифатам нејзината одлука", рече тој во изјавата. 

Ви звучи ли веродостојно оваа изјава? Дали навистина безбедноста на граѓаните е на прво место, или личниот интерес ја симнал на второ и на трето место, затоа што да се биде опозиција, па уште и мала партија, нималку не е лесна работа. Треба да се излезе на пазарот на труд и да се бара работа, која може и да стане недостижна цел имајќи го предвид реваншизмот кој со децении е присутен при секоја смена на власта. 

Барајќи ги, пак, новостите и околу Демократски сојуз на Павле Трајанов, на Гугл ми излезе следнава вест: „Павле Трајанов, пратеник и лидер на Демократскиот сојуз, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ќе дејствува како независен пратеник во Собранието. Тој веќе поднел такво барање до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, a во наредниот период ќе работи на формирање на нов политички блок за изборите во 2016 година". 

Не се плашете, веста е стара, од 2015 година, од кога почна падот на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Единствената разлика меѓу таа стара вест и најновата - дека Трајанов влегува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, е што сега напуштената партија е СДСМ. Другото сѐ останува исто. Како и впрочем ова име кое и понатаму ќе биде дел од политиката. 

Превртливост - политички стил 

Можеби „сензацијата“ за ова менување на страните е здодевна бидејќи тоа се партии кои немаат никаков или многу мал ефект на политичкиот терен. Нивната превртливост не е ништо ново, но таа тема е многу важна затоа што длабоко ја отсликува моралната димензија на политиката во Македонија. Нѐ потсетува и дека тие не се таму за нас, туку за себе. И дека нивниот глас нема ништо да смени во политиката, туку ќе им го продолжи политичкиот живот уште за некој месец или година. 

Не ја заборавивме и партијата на Љубе Бошкоски, некогашниот легендарен министер за внатрешни работи кој беше и во Хаг, и чија политичка судбина беше една од најдискутираните во државава. Особено по сцените на неговото апсење во Скопје и разговорот што по тој повод го водеше некогашниот директор на Управата за контраразузнавање со еден новинар, при што на неприличен и крајно вознемирувачки начин беше претставено едно реваншистичко сценарио за Бошкоски. Но очигледно денес тие настани не влијаат на него. Вели дека сакал да биде со десницата каде што припаѓа идеолошки, и дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му ветил дека нема да соработува со Груевски.

Секако, изостанаа аргументи по што новите коалициски партнери се идентификуваат со ВМРО-ДПМНЕ. По кое важно прашање за интересот на граѓаните нашле дека имаат исти ставови, па решиле да ѝ се придружат на сѐ уште неродената власт. Така нивниот маневар ќе имаше и смисла и легитимитет, во спротивно јавноста ќе одмавнува со главата алудирајќи дека е во прашање само личен интерес. 

Овој партиски прелет не е всушност никаква вест, туку само мал пример за начинот како се практикува политиката во Македонија. Имаме и крупен пример, кога на пример ДУИ од коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ стана коалициски партнер на СДСМ. И некои други партии како ЛДП и НСДП во минатото шетаа од СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ и обратно. Нема да биде изненадување ако по изборите во мај, ДУИ повторно ѝ се врати на старата љубов и сѐ ќе ѝ биде простено. Така се одвиваат политичките процеси во нашата земја. Важно е да се биде на власт, не е важно со кого.  Демократијата е како создадена за тоа потскокнување низ изборниот ринг, а пораката што им се испраќа на граѓаните е дека од политика сепак најдобро се живее.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема